ИЗРАЗ НА ЕМОЦИИ - ИГРАЈ, САКАЈ, УЖИВАЈ !!!

Активностите што ги правите секојденевно со вашите дечиња, посебно во овие  услови кога целиот ден го поминувате во домашен амбиент, можат да бидат разновидни, богати со ентузијазам, креативност, трпеливост, истрајност и издржливост, богата детска фантазија. Играта и игровните процеси го подобруваат менталниот склоп на личноста на детето и влијаат врз развој на сите негови способности.Вниманието што го добива детето во тие моменти му влева чувство на самодоверба, сигурност, припаѓање, љубов, топлина, развој на позитивна слика за себе.
Со цел да видите како се чувствуваат вашите дечиња во овие денови, ви препорачувам да направите календар на кој ќе ги бележите нивните емоциите, секојдневно. Оваа активност не бара многу матерјал за работа (хамер, стикерчиња, хартија во боја, лепак, фломастери), само бара голема желба, љубов и издржливост за неговата изработка. Идентификувајте ги, именувајтеги и бележете ги емоциите на вашите деца (радост, тага, страв, лутина) со помош на стикерчиња или смајли ликови кои вие сами ќе ги направите. Бележењето најчесто правете го пред крајот на денот, бидејќи децата се динамични и променливи, за да имаат време да ги акумулираат своите чувства и импресии од изминатиот ден. Откако ќе ја прикачите соодветната емоција за тој ден, поразговарајте со детето што го натерало да се чувствува така. Со тоа му влевате чувство на заштита и сигурност, колку и тоа да е тешко периодов, и му ставате до знаење колку е голема неговата важност. Се надевам дека ќе бидете задоволни од добиениот резултат,па постапката може да ја продолжите и во наредните месеци.Споредувајте ги месеците и барајте ја причината за промената на емоциите кај вашите деца, доколку постои.
Драги родители, бидете позитивни и имајте пријатни моменти со вашите најмили!
Подготвил психолог:
Елена Јанева