ИСТРАЖУВАЧКА ИГРА: РИД, РИТЧЕ, ПЛАНИНА

Децата сакаат да играат и додека играат тие всушност учат ги усвојуваат основните географски поими и математички релации. За да можат полесно да ги усвојат поимите и релациите, децата сакаат да бидат и тактилно ангажирани во активностите кои ќе ги превземат.
Денес ви предлагам активност која едноставно можете да ја организирате во вашиот дом, а во која децата ќе се стекнат со елементарните поими за ритче, рид и планина и релации ниско / високо од областа математика.
Потребни материјали: слики, тесто, глинамол или пластелин, темперни бои, четки.
Започнете со разговор за природата и присетете се на некое место кое претходно заедно сте го посетиле. Фокусирајте ги децата на одењето пеш по нагорнина, рамнина или набљудување при некое патување со авион или автомобил.
Претставете им го материјалот за работа: 
1. Ако одберете тесто, пронајдете домашен рецепт за подготовка на домашен пластелин;
Рецепт за домашен пластелин
2 чаши брашно
1 чаша ситна сол
2 чаши вода
1 лажици масло
1 пакетче лимонтус
прехрамбени бои по ваша желба
Се мешаат брашното со солта и лимонтусот, во тенџере се става водата, маслото и се додаваат брашно, сол и лимонтус. Се варат на тивок оган, мешајки постојано додека не се згусне смесата, на допир треба да биде нелеплива. Кога ќе се излади се добива убаво тесто. Се додаваат бои по желба. Се чува во затворен сад.
2. Разгледувајте слики од ритче, рид, планина и споредувајте ги според нивната височина;
3. Моделирајте ги поимите и направете макета од ритче, рид и планина.
(Во прилог неколку фотографии како идеја)
Подготвил воспитувач:
Мр Сања Алексоска