ЗАЈКО САКА ЗЕЛЕНА САЛАТА

Најмалите другарчиња од групата „Смешко“ од 2-3 години, во објектот „Јасмин“, иако седат дома, секојдневно учат и се забавуваат заедно со своите родители-учители. За нив движењето е многу важно за да може правилно да се развиваат. Затоа и во адаптирани услови, изнаоѓаме можности како на забавен начин да се организираат подвижни игри што влијаат на целокупниот локомоторен систем и го подобруваат нивното психофизичко здравје. Еве еден пример како се реализираше подвижната игра. „Зајко сака зелена салата“.
На родителите им се дадоа повеќе упатства и предлози како да го организираат просторот за игра и користејќи предмети од нивниот дом, заедно со децата, да го постават полигонот за движење. Потоа добија инструкции и насоки како да ја водат играта, со сите елементи на потребните вежби. За подобра мотивација на децата, играта може да започне со кратка забавна приказна:
ЗАЈКО САКА ЗЕЛЕНА САЛАТА
Нашиот Зајко е многу гладен. Го замоли градинарот малку зеленчук да му даде. Тој му кажа да оди кај бабата, зашто таму има зелена салата. Но патот до таму не е лесен, треба да се помине низ тунел тесен. Упорен е Зајко и се труди: се качува, оди, скока, а ако падне ќе стане, зашто многу сака салата да јаде. Мило дете, помогни му на Зајко до салатата да стигне, а потоа може заедно да јадете. Само внимавај, салатата треба добро да се измие, за да може секој од нас мирно да спие.
Бидете креативни, забавувајте се и движете се дома.
Подготвил воспитувач:
Весна Пецева