УБАВИ ЗБОРОВИ – ИСКАЖИ БЛАГОДАРНОСТ

Пандемијата што го зафати светот во овој период, постојано влева чувство на интензивен страв, анксиозност и голема загриженост, како кај возрасните, така и кај децата, кои свесно или несвесно го чувствуваат и манифестираат тоа во својот начин на живеење. Родителите не секогаш можат да ги прикријат емоции (вклучувајки ги и негативните) пред своите деца, а тие тоа  го доживуваат на свој начин. Затоа не ја заборавајте топлата насмевка на вашето лице, смиреноста во гласот кога зборувате, вашата стабилност и сигурност и секако позитивните мисли како ваша водечка сила. Вие и вашите најмили сетете се на убавите работи од вашиот живот и останете благодарни на тоа.
Во продолжение ви ја препорачувам играта на „Благодарност” која можете да ја играте со вашите деца во времето поминато заедно. Драги родители бидете водич на оваа игра и давајте им ги инструкциите на вашите најмали. Сместете ги удобно, или на столче со исправено грбче, или на под со прекривка на нивните ножиња. Кажете им очињата да им останат затворени. Со затворени очиња нека се присетат на некое случување, кога некој направил нешто убаво или посебно за нив. Пр. кога биле со мама и тато во парк... или кога баба направила највкусен колач... или кога учителката во градинка ги пофалила за задачата што ја извршиле... или кога некое другарче им поклонило играчка... Кажете му на детето да се сети на тој убав момент, каде се случило тоа, со кого биле тогаш, како се чувствувале... Видете како реагираат вашите дечиња токму во моментот додека ја прават вежбата, дали имаат блага насмевка на лицето, чувство на среќа, радост, топлина. Убавите мисли и моменти го предизвикуваат токму тоа. Исполнетоста на вашето дете е затоа што ги има тие личности во неговиот живот. Кажете му да се заблагодари на нив затоа што биле добри и љубезни со него. А кога ќе помине периодов, побарајте ги и лично исто така изразете ја вашата благодарност, а тие сигурно ќе бидат воодушевени од вашата постапка.
Подготвил психолог:
Елена Јанева