ПОДАРИ ЉУБОВ – САКАЈ И БИДИ САКАН!

Децата имаат потреба од нашите зборови, независно дали преку нив ја искажуваме нашата љубов, подршка и разбирање, или пак ги учиме како правилно да се однесуваат. Но, додека зборовите кои ги изговараме кога сме лути можат да остават трајни последици врз психичкиот развој на детето, други пак имаат моќ да ја зголемат детската сигурност и самодоверба и да создадат здрави навики кај нашите најмили. Родители, детето се сака најмногу со подарување на време поминато заедно, пред се!
Затоа во продолжение ви препорачувам игра преку која можете да ја искажете вашата љубов кон вашите дечиња, а истотака и тие можат да ја искажат својата љубов кон вас на лесен и едноставен начин. Оваа игра е корисна за да не заборавиме да се сакаме и да не заборавиме да си даваме љубов едни на други. Преку неа се поттикнува и чувство на грижа и благодарност кон сите членови на семејството. Интересна е за секоја возраст посебно за деца од 3 до 11 години.
  1. За играта ви се потребни срцa во различни бои, направени од хартија во боја, онолку колку што има членови во семејството, за секој по едно, прикачено со врвка околу вратот на секој поединец (сл. 1 и 2).
  2. Потоа на црн хамер или обичен картон во вид на плочка, од страните се лепат истотака срца во различна боја, исто такви како претходно направените за членовите од семејството (сл. 3 и 4).
  3. На средината се поставува стапче или шпатула изострено од едната страна, што може да се врти добро, по можност прикачено на средината за хамерот со магнет (сл. 5).
  4. Изберете кој да ја почне играта. Пр. тоа може да биде најстариот член на семејството, кој пред да почне да го врти стапчето треба да биде со затворени очи. Откако ќе го сврти стапчето, се гледа каква боја на срце ќе погоди на хамeрот, потоа гледа во таа личност што носи исто таква боја на срце околу вратот и кажува нешто убаво за него/неа, или што сака, што чувствува, што му/и се допаѓа за таа личност.
 Пр: Те сакам затоа што... Ми се допаѓа тоа што... Те ценам и почитувам бидејќи...
Ова продолжува се додека сите членови во семејството не поминат на ред неколку пати. Обидете се да бидете сигурни дека секоја личност ќе добие шанса да каже и да му/и биде кажано што другите личности мислат и сакаат за него/неа. Оваа игра е интересна бидејќи на лесен и едноставен начин може да се потсетиме едни на други што е најважно и да заборавиме на проблемите и вознемирувањата на некое време. Се надевам дека сето ова ќе ви биде корисно да внесете што повеќе љубов и топлина во вашето семејство.
Подготвил психолог:
Елена Јанева