ВИРТУЕЛНО ПАТУВАЊЕ ОКОЛУ СВЕТОТ

Организирајте виртуелно патување за своето дете. За оваа активност ќе ви биде потребен интернет и билокое средство кое ќе ви овозможи онлајн пребарување (таблет, PC,smart TV, мобилен...). Тоа ќе го направите такашто најнапред ќе седнете сите заедно и ќе разговарате каде би сакале да патувате, заедно одберете некое место. Потоа започнете да го истражувате (град, држава, континент...). Искористете ги таканаречените виртуелни тури кои можат лесно да се најдат.На овој начин, заедно запознавате многу нешта: каде се наоѓа тоа место, како можеме да стасаме до таму (воз, авион, брод...), по што се разликува тој град или држава од нашата, кој растителен и животински свет расте и живее на тоа подрачје, храната која се конзумира, кои се обичаите и традициите на населението... слушнете ја тамошната музика и погледнете ја ликовната уметност и култура и др.
Изгаснете го „екранот“ и продолжете со разговор за ова виртуелно патување, секој од вас нека ги сподели вечатоците. Во прилог неколку предлог активности кои можете да ги организирате по разговорот:
Активност 1. Впечатоците можете и да ги запишувате во т.н. „Дневник на виртуелните патувања на семејството...“. Во овој дневник може да ги запишете сите ваши „патувања“, да залепите некој детал или цртеж.
Активност 2. Детето нека нацрта разгледница од „посетеното“ место, а Вие запишете ја пораката која вашето дете ја упатува до својите баба, дедо, братучед/ка... или до омиленото другарче. Фотографирајте ја оваа разгледница и онлајн испратете ја на личноста на која е адресирана.
Активност 3. Моделирајте или обликувајте нешто што ќе претставува сувенир од таа држава.
Активност 4. Пронајдете насоки за некоја традиционална игра која децата ја играат само таму. Играјте ја заедно.
Активност 5. Побарајте рецепти и подгответе некое традиционално јадење за тој крај. Заедно вкусете го!
Патувањето можете да го продолжите и некој нареден ден, на некое друго место... Патувајте, истражувајте, учете, но пред се забавувајте се!
Со оваа активност децата:
  • се запознаваат со различни култури, традиции, обичаи, игри, животни, растенија...
  • имаат можност да ги развијат перцепциите, меморијата, но и визуелната фантазијата;
  • учат да ги почитуваат разликите помеѓу луѓето;
  • истражуваат и учат преку игра и забава;
  • го прошируваатзнаењето со нови поими, претстави и релации;
  • учат нови зборови и вежбаат вештини за раскажување и комуникација.
  • учат „разумно“да ги користат електронските уреди и средства за стекнување на корисни информации и знаења.
Подготвил, ликовен педагог:
М-р Ана Цветкоска-Панова