СЕЌАВАЊА

Веќе е познато дека дружењето на децата е еден од најважните фактори кои влијаат за правилен развој, особено дружењето со врсници кога децата посетуваат градинка. Преку дружењето тие остваруваат комуникација, се осознаваат себе си, разликите меѓу нив, учат да ги почитуваат интересите и потребите на другите.Кај децата се развива и емоционалниот развој, ги откриваат сите позитивни и негативни чувства, создраваат и емпатија за другарите.
Првите дружења кај децата оставаат силни траги во сеќавањето кај децата. Еден ден кога ќе се разделат, нивните патишта ќе се насочат во повеќе правци, а сликите остануваат длабоко врежани во детската психа и секогаш се тука да се вратат тие слатки спомони од детството.
За едно такво силно дружење, кое траеше четири години ја напишав оваа песна која е посветена на моите деца од групата „Виножито“, Објект Парк:
 
СЕЌАВАЊЕ
 
Знаете ли деца која е најубавата
појава во природата?
-Кога сонцето зраци сее,
а облакот солзи лее!
 
ВИНОЖИТО е тоа,
Виножито слеано во многу бои,
На небото како слика стои!
 
Едно виножито такво
во нашата занимална се разви,
а под сводот негов,
беа збрани деца разни.
 
Растеа тие безгрижно сите,
игри, песни, сказни,
им ги исполнуваа дните.
 
Секој ден нова приказна се плетеше,
секој ден нова дружба се раѓаше.
 
Другарче до другарче во редица стојат,
еден со друг насмевки си кројат
и најмили зборови се ројат.
 
Другарството нивно како ланец се ковеше,
секојдневно, нераскинливо, спомените ги ловеше.
Така минаа денови многу,
дојде време да си кажат ЗБОГУМ!
 
Првото другарче се памти засекогаш,
игрите со него не се забораваат никогаш.
Спомени слатки секогаш ќе ти носи
детството-животот ќе ти го роси!
 
Погледни дете во ВИНОЖИТОТО
на небото што стои,
Сети се некогаш на другарите твои!
 
Во прилогот ќе ги видите и фотографиите на кои се гледа како децата со љубов ги нацртаа нивните најдобри другарчиња.
Изработил воспитувач:
Анета Ивановска