ГРАДИНКАТА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР „13 НОЕМВРИ“ – СКОПЈЕ, НАГРАДЕНА

ГРАДИНКАТА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР „13 НОЕМВРИ“ – СКОПЈЕ, НАГРАДЕНА НА 15-ТАТА МЕЃУНАРОДНА СТРУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ТАРА 2019 г.
Изминатата програмска година нашата градинка беше активна на полето на промовирање на нови воспитно-образовни практики во и надвор од рамките на нашата држава. Така издвојуваме еден, за нас голем успех, бидејки Сојузот на здруженијата на воспитувачи на Србија, на свеченото затварање на 15-тата Меѓународна стручна конференција ТАРА 2019 г. (05-08.12.2019 г.), на наше големо изненадување, ја издвои и награди нашата градинка, како најуспешна во оваа нова категорија (презентирање на активност со деца преку видео-запис), заедно со уште две установи од Р. Србија, поради нејзината оригиналност и автентичност по форма и идеја. Презентација на стручниот труд во овогодишната нова категорија: „Еден ден во градинка“ со наслов „Јас и животните во ЗОО-градината“, чии автори се Весна Спасова (воспитувач) и м-р Ана Цветкоска-Панова (стручен соработник, ликовен педагог), во иднина ќе биде репер и модел за другите воспитно-образовни установи кои ќе аплицираат на следните конференции на Сојузот.
Ова е голема чест и радост за сите нас од Установата, но и мотив плус и понатаму успешно и квалитетно да ја реализираме нашата програма, како и секогаш активно да се вклучуваме на вакви и слични конкурси, во и вон државата, надвор од рамките на секојдневните активности, со цел подигнување на квалитетот на работата со најмалите, а пред се афирмација на Градинката, нашата Општина, а секако и нашата Република. А воедно и благодариме на директорката на нашата Установа Ружица Биџовска за целосната доверба и поддршка, но и на сите лица кои беа вклучени во реализација на овој видео-запис.
Во прилог погледнете ги видеата на македонски и на српски јазик (за потребите на презентацијата на Конференцијата).
Подготвил стручен соработник-ликовен педагог:
м-р Ана Цветкоска-Панова